Во Турција затворени 15 медиуми и уапсен еден опозициски уредник

Турските власти затворија 15 медиуми, меѓу кои и една исклучиво женска новинска агенција, а го приведоа и одговорниот уредник на еден опозициски весник, во последната акција после обидот за државен удар во јули.

Уредникот на Џумхуријет, Мурат Сабунџу, и другите уредници на весникот беа приведени во пација рано утринава, под обвинение дека извршиле криминал во името на курдските милитанти и мрежа поврзана со Фетулах Ѓулен, објавија од канцеларијата на обвинителот.

Турската влада го обвинува Ѓулен за обидот за државен удар.

Итен декрет изгласан доцна во саботата го нарача затворањето на 10 весници, две новински агенции и три магазини. Повеќето од медиумските организации кои се затворени имале главни уредништва во претежно курдскиот североисток од државата. Дополнително, отпуштени се од работа уште 10000 државни службеници.

Со последната акција, од јули досега се затворени вкупно 160 медиуми.

„Полицијата дојде околу 4 часот наутро во неделата и ја заклучи канцеларијата“, вели Беритан Чанозер, новинарка од Џинха, новинска агенција во која работат само жени.

„Не добивме судски налог. Нема официјално оправдание за оваа мерка. Никој не ни објасни ништо“.

Според државната новинска агенција Анадолу, повеќе од 37000 луѓе се формално уапсени од јули досега. Околу 100000 други државни службеници беа отпуштени или суспендирани.