Во Тетово трет Интернационален фестивал на куси филмови „Watch out film fest“

Триесеттина кратки играни, документарни и екепериментални и анимирани филмови ќе бидат пркажани на Третото издание на Интернационалниот фестивал на кратки филмови „Watch Out Film Fest” што од утре до 24 мај ќе се одржи во Тетово.

Во Тетово трет Интернационален фестивал на куси филмови „Watch out film fest“

И оваа година организатори на фестивалот се невладиниот Центар за балканска соработка Лоја од Тетово и Goethe Институтот и Фондацијата Robert Bosch од Германија.

Координаторот на фестивалот Александар Стојановски Цули на денешната прес-конференција одржана во просториите на Лоја изјави дека Фестивалот “Watch Out Film Fest” е обид да го промовираат филмот надвор од класичниот поглед, бидејќи проекциите се на отворено во дворот на Музејот на Комунистичката партија на Македонија – куќата на Јовановци во населбата Два Бреста, пренесе МИА.

– Интересот ги надмина нашите очекувања бидејќи ни пристигнаа преку сто филмови од 40 земји од светот. Жирито во состав професорите Лазар Секуловски и  Салајдин Салиху од Македонија, како и германскиот фотограф Роберт Хофман имаше многу тешка задача прво да ја направи селекцијата на филмовите што ќе бидат прикажани, а потоа и да ги одбере победниците, рече Стојановски.

Тој соопшти дека за краток игран филм наградата ја доби „Алцхајмер“ на турската авторка Несилхан Силигур, во категоријата документарен филм победи „Богатствата на морето“ на Астра Золднере од Летонија, додека во категоријата екперименатлни и анимирани филмови за најдобар жирито го прогласи филмот „Постанок“ на Џиули Флореа од Романија.

Тој најави дека за време на четирите фестивалски денови ќе присуствуваат победниците од  Турција и Летонија, како и комплетната екипа на копродуцискиот филм од Русија, Германија и Велика Британија кои исто така ќе учествуваат и на работилниците за режија и сет дизајн.

Доколку временските услови не дозволуваат проекциите да се одвиваат на отворено тие ќе се организираат во просториите на Лоја, најавија организаторите.