Во терористички напад во Ница убиени над 80 луѓе, МНР нема информации за загинати македонски државјани

Најмалку 84 луѓе синоќа починаа, а десетици се повредени, вклучувајќи и деца, откако камион влета низ толпата која го прославуваше Денот на Бастилја, во јужниот град на Франција Ница. Од македонското Министерство за надворени работи велат дека се уште немаат информации за загинати македонски државјани.

Синоќа, во 23 часот по локално време, напаѓачот, чиј идентитет се уште не е официјално откриен, возел 2 километри долж улицата „Променад де Англе“, пред да биде застрелан од полицијата. Според сведоци на настанот, камионот забрзувал со цел да згази што повеќе луѓе. Полицијата, пак, соопшти дека во камионот се најдени пиштоли и гранати.

Претседателот Франсоа Оланд рече дека нападот бил терористички. Тој соопшти дека вонредната состојба во државата е продолжена и во наредните три месеци, откако започна во ноември, по нападите во Париз, кога милитант на Исламската држава уби 130 луѓе.

Министерството за надворешни работи во Република Македонија изрази жалење за жртвите во терористичкиот напад и велат дека до овој момент до нема информации за повредени и загинати македонски државјани.

„Министерството за надворешни работи изразува длабоко сочувство за семејствата на сите погинати и повредени во терористичкиот напад во Ница, Франција и најостро ги осудува овие напади во кои животот го загубија над 70 граѓани, а неколкудесетици се повредени. Воедно, Министерството за надворешни работи ве известува дека е во постојан контакт со надлежните институции во Франција и до овој момент, нема информации за повредени и/или загинати македонски државјани.

За сите прашања поврзани со безбедноста на македонските граѓани кои во моментот се наоѓаат во Франција, молиме да се обратите во македонската амбасада во Париз“, се вели во соопштението на македонското МНР.

Досега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.  Иако идентитетот на убиецот не е познат, Франс Прес објави дека според неговите лични документи, станува збор за 31-годишен Французин со туниско потекло.

На социјалните мрежи, пак, се активираа хаштаговите #PrayForNice  и #NousSommesUnis (Ние сме обединети). Пораки за солидарност и осуда за нападот упатија и голем број светски лидери и политичари.

Во обраќање до јавноста, претседателот Оланд рече дека Франција е во солзи и дека е „лошо повредена“, но дека е силна. Тој додаде дека треба да се направи се за да се спротивстават на ваквите напади.

„Целата Франција е под закан на исламскиот тероризам“, рече тој.

Денеска, знамињата во Франција се спуштени на пола копје, во чест на загинатите, додека џез фестивалот во Ница е откажан.