Во тек е расчистувањето на остатоците од опожарениот камион по синоќешната несреќа во Хиподром: Сообраќајот отежнат се одвива само по една лента

Тешка сообраќајна несреќа на автопатот Куманово–Скопје: Сè уште трае расчистувањето на изгорениот камион

Натоварен камион и патничко возило „БМВ“ целосно изгореа по синоќешната сообраќајна несреќа што се случи околу 23 часот на автопатот од Куманово кон Скопје, кај клучката Хиподром.

Според информациите од МВР, во несреќата учествувале „БМВ“ со скопски регистарски таблички, управувано од 25-годишен возач од село Бујковци, и товарно возило „Мерцедес“ со полуприколка со неготински таблички, управувано од 56-годишен возач од штипско. Двете возила биле зафатени од пламен и целосно изгореле. Возачот на автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е хоспитализиран во УКЦ „Мајка Тереза“, но е надвор од животна опасност.

Иако поминаа повеќе часови од несреќата, на местото и натаму трае собирањето на остатоците од опожарениот камион и расчистувањето на коловозот. Забележано е засилено присуство на полициски службеници, а сообраќајот се одвива отежнато, само по левата коловозна лента во правец кон Скопје.

Екипи на противпожарната бригада, полицијата и комуналните служби се на терен, додека специјализирани компании работат на отстранување на изгореното моторно масло и другите леснозапаливи материи од асфалтот. Нормализирање на сообраќајот се очекува по целосното расчистување на теренот.

Фото извор: Радио МОФ