Во Тајланд се одржа „водена борба“ за време на голема суша

За Сонгкран фестивалот во Тајланд илјадници луѓе излегуваат на улиците, симболично „измивајќи ја својата лоша среќа“. И покрај големата суша во најтоплиот месец во годината, Владата на Тајланд одлучи фестивалот да се одржи.

Националното биро за вести на Тајланд објави дека администрацијата на Бангкок одлучила да го скрати фестивалот од четири на три дена, а борбите мора да завршат најкасно до девет часот навечер.

И покрај рестрикциите, многу луѓе, но и службеници во владата, сметаат дека фестивалот не требало да се одржи во период кога и онака нема доволно вода.

Премиерот Прајут Чан-оча изјавил за АП дека „е невозможно да се забрани да се фрла вода и нема да го направи тоа“.

„Родителите треба да ги научат своите деца да користат помалку вода и да не ја прскаат насекаде три дена и три ноќи“, додал.

Активистите за заштита на околината сметаат дека ни забрана не би била доволна.

Смит Тамасароџ, член на советот на Фондацијата за национални катастрофи, рекол за АП дека „Владата треба да им каже на луѓето дека сушата е лоша“.

„Не треба да ја прикриваат вистината“, вели тој.

Извор: Mashable