Во светот се развива дрон-новинарство, во Македонија сè уште се зборува за основни услови за работа

„Новинарството не умира, туку го убиваат“, „Традиционалното новинарство изумира“, „Зошто издавачката индустрија мора да се прилагоди за да преживее“, „Ерата на дигиталното новинарство само што започна“, „Вистинското новинарство полека и тивко умира“. Ова се најчестите наслови кои се појавуваат при пребарување на зборовите „иднината на новинарството“, посочи новинарот Столе Наумов од „Канал 77“.

Тој ја започна денешната конференција посветена на оваа тема, а организирана од Центарот за развој на медиумите, посочувајќи дека Фејсбук денес прерасна во личен весник на публиката. Според него, проблематично е тоа што две третини од информациите доаѓаат од вести исклучиво објавени на Фејсбук.

„Најголем дел од граѓаните доаѓаат до вестите што ќе им ги сервираат алгоритмите на Фејсбук“, истакна тој.

Новинарот и уредникот на „Слободен печат“ Бранко Героски одговарајќи на прашањето каде е иднината на новинарството се пошегува дека во просторијата каде се одржуваше конференцијата недостасува коса, и дека таа што ја има е бела.

Според него, поради пропаѓањето и менувањето на медиумите во последните неколку години останаа голем број новинари кои немаа каде да одат, па биле принудени да ја сменат професијата.

Героски истакна дека сегашниот закон не препознава онлајн новинарство, туку само електронските публикации на традиционалните медиуми. Токму ваквиот закон, смета тој, директно овозможува создавање на ботови, лажни вести, пропаганда и парамедиуми. Героски предложи Владата да помогне во доедукација на новинарите, односно да се создадат и да опстанат школи кои ќе имаат институционална поддршка.

„Се поддржува сè  само не новинарство“, нагласи тој.

Медиумите денес се сведени да бараат финансиска поддршка од разни донатори за да може да си дозволат да ја вршат својата работа квалитетно. Гонце Јаковлевска, претставник од „Цивика Мобилитас“ – програмата за поддршка на граѓанското општество, вели дека целата мисија на ваквите донаторски програми е да направи општествена промена и според неа успеваат да направат поместување на состојбата.

„Се развива дрон-новинарството а ние зборуваме за минимални услови“, рече Сефер Тахири од Факултетот за јазици, култури и комуникации, УЈИЕ и Советот на етика во медиумите. Тој го истакна проблемот на непотпишани текстови, веб-страници кои делуваат како медиуми, но немаат импресум, ниту пак се држат до етичките кодекси. Поради ова, смета Тахири, потребна е поцврста саморегулација. Предложи да се направи регистар на онлајн медиумите. Се надева дека граѓаните повеќе ќе реагираат на непрофесионалните и неетички содржини.

Героски, пак, рече: „Ќе ве фати страв од бројките за тоа колку се запишуваат на струката новинарство“.

„На прсти се бројат студентите кои утре ќе станат новинари“, додаде тој.

„Тоа е отприлика сликата за нашите големи драматични успеси во однос на тоа колку го поддржуваме и што направивме за новинарството. Тоа е сликата за реформите што ги направивме за новинарството“, смета тој.

На конференцијата свое обраќање имаше и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, кој спомена дека опозицијата го блокира новиот Закон за медиуми. Тој вели дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествува во дебатата за Законот, а досега поднеле 70 амандмани со кои го одолговлекуваат процесот на негово донесување. Во однос на саморегулацијата, пак, смета дека тоа не е работа на Владата, туку на самите медиумски работници преку независни регулаторни тела. Ја истакна и потребата од медиумската писменост.

„Медиумската писменост како способност на публиката самостојно и критички да го интерпретираат текот, содржината, вредноста на новинарските форми, треба да биде прифатена како редовна реформа, или како посебен предмет во основното и средното образование“, рече Поповски.

Во државата не постои факултет само за новинарство, туку одредени институти. Трендот на опаѓање на интересот за овие студии, смета професорката Јасна Бачовска Недиќ од УКИМ, е проблем кај повеќето факултети.

„На студиите по новинарство има само еден професор, доктор на науки во областа на новинарството. За да ви се акредитира програма треба да имате барем пет професори“, посочи таа.

„Ние нашиот институт го одржуваме со ПР-овци, за да не пропаднат новинарските студии“, додаде.

Од друга страна, претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани, иднината во новинарството ја гледа од друг аспект. Според него, тоа има иднина ако се фокусира на интерпретација на фактите. Додаде дека публиката е веќе мрзлива, која не чита содржини, туку сака да гледа видео.

„Ние ќе имаме такво новинарство, каква што е и нашата држава, каков што е квалитетот на демократијата и квалитетот на животот, како и инситуциите, па и ние, менталниот склоп на народот“, смета тој.

Емилија Петреска