Во светот расте довербата во вакцините, додека се намалува стравот од нуспојави, покажува истражување

Довербата во вакцините против коронавирусот расте ширум светот и се повеќе луѓе се подготвени да примат вакцина, додека истовремено се намалува стравот од несакани ефекти, покажа истражување кое беше спроведено во 14 земји, а објавено денеска, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Истражувањето кое беше спроведено од Институтот за глобални здравствени инвоации при Империјал колеџот во Лондон и компанијата „ЈуГов“, покажа дека довербата во вакцините се зголемила во 9 од 14 земји, вклучително и Франција, Јапонија и Сингапур, каде довербата во вакцините претходно била на ниско ниво.

Според истражувањето спроведено од 8 до 21 февруари, најподготвени за вакцинација се Британците, од кои 77 отсто рекоа дека би примиле вакцина која штити од коронавирусот, доколку им биде понудена во следните седум дена. Тоа претставува зголемување во споредба со ноември, кога 55 отсто од луѓето покажаа таква подготвеност.

Луѓето во Франција, Сингапур и Јапонија сепак се најмалку подготвени да примат вакцина. Во Франција, само 40 отсто од луѓето го сакаат тоа, а во Сингапур и Јапонија, 48 отсто од нив. Сепак, забележано е зголемување на подготвеност во тие три земји, затоа што во ноември на таков чекор биле подготвени само 25 отсто од Французите, 36 отсто од Сингапурците и 39 отсто од Јапонците.

Истражувањето исто така покажа дека стравот од несакани ефекти по вакцинацијата избледел во повеќето земји.

Во истражувањето биле вклучени повеќе од 13.500 луѓе од Австралија, Велиока Британија, Канада, Данска, Франција, Германија, Израел, Италија, Јапонија, Холандија, Норвешка, Сингапур, Јужна Кореа, Шпанија и Шведска.