Во светот досега се искористени повеќе од 40 милиони дози вакцини против Ковид-19

Во трката за имунитет на коронавирусот, во која денеска води Израел, искористени се повеќе од 40 милиони дози вакцини против Ковид-19 ширум светот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Најмалку 60 земји и територии, каде живее 61 отсто од светската популација, веќе почнаа кампањи за вакцинација. Но, 90 отсто од дозите се искористени во само 11 земји.

Израел убедливо води со процесот на вакцинација, со 2.43 милиони дози и 2.12 милиони вакцинирани лица, или 24.5 отсто од населението. Околу 3.6 отсто од Израелците веќе ги добиле двете неопходни дози за оптимална заштита.

Соединетите Американски Држави пак, со 12.28 милиони дози за 10.6 милиони луѓе или 3.2 отсто од населението се наоѓа пред Кина, каде се искористени над 10 милиони дози вакцини.

Во Европа пак, Велика Британија го презеде водството во процесот на вакцинација, каде се вакцинирани над 3.85 милиони луѓе или 5.7 отсто од населението.

Досега со Ковид-19 на светско ниво, од почетокот на пандемијата се регистрирани речиси 96 милиони луѓе, додека повеќе од 2 милиони луѓе починале.