Во среда Критична маса ќе се вози во пет градови за подобри закони

„Дали некогаш сте се запрашале зошто во градот се проектираат улици чија широчина на ленти е наменета за движење на возила со брзина од 90 km/h кога максимално дозволена брзина во населено место е 50 km/h?
Дали некогаш сте се запрашале зошто во вашата зграда задолжително треба да има паркинг места за автомобили, ама не е задолжително да има паркинг места за велосипеди? Сигурно сте се запрашале и зошто билбордите, канделабрите, кантите за отпадоци, столпчињата и други видови на урбана опрема, не се поставени на начин на кој нема да го отежнуваат движењето на пешаците и велосипедистите. Вакви прашања, години наназад, упатуваме и ние до институциите. Одговорите се дека такви се законите, такви се правилниците или пак дека не е регулирано во истите“, велат од неформалната иницијатива „На точак“.

Според нив, законската регулатива треба да ги следи потребите на граѓаните и да биде во согласност со новите сознанија и светски искуства поврзани со безбедноста и квалитетот на животот.

Поради тоа, НаТочак – Скопје заедно со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, Гостивар НаТочак и Штип НаТочак подготвија и поднесоа официјални барања за промена на Закони и подзаконски акти со кои сметаат дека значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се подобри квалитетот на живот во градовите.

„Нашиот прв чекор е промена на делови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање“, велат од На точак.

„Поднесовме предлог со кој ја исклучуваме можноста во населено место да се проектираат улици за движење со брзини од 90 km/h.
Поднесовме предлог да се намали широчината на коловозните ленти, а со тоа ќе се намали прекумерната брзина на автомобилите. Брзината е причина број 1 за сообраќајни судири со тешки повреди и смрт. А инфраструктурата е фактор број еден кој психолошки им влијае на луѓето да развијат одредена брзина“, велат од иницијативата.

Тие сметаат дека со намалување на широчината на коловозните ленти ќе остане и повеќе простор за пешачење, возење точак, зеленило и други содржини. Потоа, со намалување на широчината на коловозните ленти ќе се намали и цената за изградба на овие улици кои се плаќаат од народни пари.

Исто така, од иницијативата инфомираат дека е поднесен предлог да се воведат велосипедска улица и велосипедски пат како нови категории на улици. 

„Поднесовме предлог велосипедскиот паркинг да стане задолжителен за секој новоизграден објект.  Ако паркингот за автомобили е задолжителен при изградба на објекти, зошто да не е и за велосипеди?  Да го направиме паркирањето на велосипедот практично, достапно, безбедно“, велат од „На точак“.

Оттаму посочуваат неколку примери како:
Минимум 2 паркинг места за велосипеди на една станбена единица за станбени згради
Минимум 1 паркинг место на секои 5 ученици за објекти од образование
Минимум 1 паркинг место на секои 50 m2 за комерцијални објекти
итн. за сите различни намени на објекти и простори.

Покрај ова, иницијативата поднела и предлог урбаната опрема да не го попречува движењето на пешаците и велосипедистите.

„Поднесовме и ќе продолжиме да поднесуваме предлог измени за овие и за други закони и правилници за градовите да станат поубави места за живеење“, велат од „На точак“.

Поттикнати за промена, од иницијативата најавија нова Критична маса за во среда од 17:30 часот, но овој пат, таа ќе се вози во исто време во пет градови: Скопје, Прилеп, Штип, Битола и Гостивар.