Во Скопје почнува нов фестивал кој ќе се бори за право на критичка култура

Првото издание на новиот Интернационален фестивал КРИК во чиј фокус  критичката култура, ќе се одржува од 18 ноември до 3 декември во Скопје. Името на фестивалот КРИК, значи – критика, ризик, идеја, конфронтација. Фестивалот има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки за еманципација и демократизација.

Во рамки на фестивалот ќе се одржат изложби, конференција, предавања, филмски проекции, работилници и дискусии. Гости на фестивалот се над 40 најеминентини интелктуалци, писатели  и уметници од земјата и од регионот, меѓу кои: Светлана Слапшак, Рената Салецл, Бранислав Димитријевиќ, Томислав Медак, Марцел Марс, Јелисавета Благојевиќ, Соња Шонеберг, Мишел Теран, Зилке Витиг, Моника Мокре, Драгослав Дедовиќ, Ивајло Дичев, Александра Лазар, Марко Стаменковиќ, Ариан Лека,  Катерина Колозова, Бранимир Јовановиќ, Петар Гошев, Елизабета Шелева, Артан Садику, Никола Гелевски, Ана Вујановиќ, Петар Милат, Роберт Алаѓозовски, Славчо Димитров, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Лидија Димковска и други.

Програмите се креирани за да поттикнат критичка дебата во јавната сфера, преку која би се промовирал социо-културниот капитал како јадро кое е длабоко поврзано со најрелевантните политички и општествени теми: човекови права, право на култура, идентитетски прашања, насилството во јавната сфера преку политичкиот и економскиот апаратус, како и зајакнување на заедниците преку културни и уметнички практики.

„Затоа започнуваме со КРИК кој ќе застанe во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики. КРИК е платформа низ која ќе се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството, помеѓу граѓанските заедници и медиумските облици на борба. Со КРИК сакаме да ѝ се спротиставиме на „културата на тишината“ промовирајќи критички дијалог, нови форми на пласирање и примена на знаењето, на современата меморија и актуелната политичка историја, отворајќи можност за постојани општествени трансформации“, велат организаторите од Контрапункт и Есперанца.

Програмите на КРИК ги поставуваат прашањата: Како одредени социјални и политички категории  критички и развојно да се мислат низ термините на културата и уметничката продукција и како културата и уметничката продукција да се мисли во термините на политичкото.

КРИК преку своите програми ќе поттикнува критичка рефлексија во однос на современите културни и уметнички практики, како и во однос на социо-културните движења. КРИК ќе ги користи критичките алатки и методологии на уметност и култура со цел да укаже на одговорноста на културните работници, уметниците како и пошироката заедница во однос на општестевните и политичките развојни процеси и промени. Воедно, со својата програма ќе истражува како современата уметност и култура може да ги (де)конструира националистичките митови, идентитети и слики на другоста, справувајќи се со трауматичните точки на општеството и акутните политички теми.

КРИК ги промовира и истражува односите, меѓусебните влијанија и поврзаности на релацијата уметност – политика – општество. Во рамки на КРИК ќе се промовираат социо-културните и уметничките практики како важна алатка со која може да се влијае врз општествените промени и преку која може да се укаже на важноста на граѓанското учество во подигање на свеста за улогата на културата и уметноста во развојните процеси на општествената демократизација. Воедно, програмата на КРИК има за цел да стави поголем фокус на потребата за развој на граѓанска и критичка култура.

Македонија станува сѐ поизолирана и ретроградна на социо-културен, образовен, медиумски и институционален план. Особено загрижувачка е состојбата поврзана со пошироките соци-културни динамики, и практиките на критичко мислење, критичка теорија, и негување полемички и дијалошки концепт во читањето на општествените, а особено на културните пројави. Во контекст каде што се случува целосна девастација на политичката култура и недостиг на дијалог внатре културните формации и различните културни идентитети и практики, нужно e формирањето на јадро кое критички ќе ги преиспитува можностите и границите за формирање на оние формати на комуникациски алатки и вредности кои ќе бидат база за понатамошни дискурзивни, но и оперативни, активистички и политички артикулации на и во јавната сфера“, велат организаторите.

КРИК – Фестивал за критичка култура е соработка помеѓу Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики и Есперанца – светски културен центар. Оваа платформа е отворена за соработка со сите заинтересирани организации, неформални групи и поединци.

Првото издание на КРИК ќе има два тематски фокуси: „Архиви на насилството“, програма креирана од Контрапункт и „Од дијаспора до различности“, програма креирана од Есперанца.

Крик – Фестивал за критичка култура се реализира во партнерство со Мултимедијалниот институт (МаМа) од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Културтрегер од Загреб, Ремонт од Белград, Берлинер Газете од Берлин, Издавачка куќа Готен од Скопје и Кунст ост од Грац