Во Скопје детектиран британскиот сој на коронавирусот

Од Министерството за здравство информираат дека денес при  анализа на податоци од позитивни ковид пациенти во месец јануари, во приватна лабораторија за генетика и перосонализирана медицина на клиниката „Жан Митрев“, кај еден примерок е детектирана мутација на британскиот сој на вирусот СарсКов 2.

Оттаму дополнуваат дека станува збор за 46 годишен маж кој веќе е оздравен, односно во базата на податоци на Институтот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен.

„Според информациите од ИЈЗ, пациентот првпат на 29 декември 2020 година, поради покачена температура и отежнато дишење, прави брз тест. Тестот е со позитивен резултат. По неколку дена, односно на 4 јануари 2021 година се јавува на преглед во приватната болница Жан Митрев каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот е веднаш хоспитализиран во приватната болница. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен. Во епидемиолошката анкета пациентот нема пријавено контакти ниту пак навел дека патувал надвор од државата“, известуваат од Министерството за здравство.

Од Министерството додаваат дека во лабораторијата во болницата „Жан Митрев“ со посебна ПЦР метода е утврдено дека пациентот е суспектен на некоја мутација на вирусот, а потоа е направено секвенционирање на изолатот.

Според информацијата која била проследена од лабораторијата до МЗ, сите мутации кои го дефинираат британскиот сој се утврдени кај изолатот од овој пациент. Од „Жан Митрев“ велат дека кај останатите примероци кои се анализирани во приватната лабараторија не е детектиран британскиот сој на СарсКов2.