Во Сиетл ќе се чисти ѕидот на гуми за џвакање

По 20 години, ѕидот на гуми за џвакање, што претставува една од позначајните туристички атракции во Сиетл, ќе биде исчистен, информираа од градот. Ѕидовите во една уличка на пазарот Пајк Плејс се излепени со еден милион гуми за џвакање, чиј шеќер почнува да ги оштетува циглите, велат властите.

Иако имало претходни обиди да се исчисти, делови од ѕидот останале излепени со гуми за џвакање. За да се исчисти оваа традицијата, која започнала во деведесетите, ќе бидат потребни три дена, смета Емили Крафорд од Пајк Плејс.

Покрај гуми за џвакање, луѓето оставале и фотографии, пораки и разни предмети. За да се одбележи неговото досегашно постоење, од локалнот пазар објавија конкурс на кој можат да се вклучат луѓе кои го посетиле ѕидот и ќе можат да ги споделат своите фотографии направени пред него.

Откако ѕидот ќе биде исчистен, Крафорд соопшти дека посетителите ќе можат повторно да го украсат со свежи гуми за џвакање.