Во Шведска ќе се одржи првиот музички фестивал исклучиво за жени

Комичарката Ема Кникаре организира „фестивал без мажи“ во Шведска, како одговор на обвиненијата за силување и сексуално насилство на фестивалите низ државата.

Таа вели дека ја добила идејата после неколку пријави за сексуално насилство на најголемиот музички фестивал во Шведска, Бравала, кој е откажан за наредната година.

„Што мислите за организирање на навистина добар фестивал каде се добредојдени само луѓе кои не се мажи?“, твитнала Кникаре.

Вели и дека фестивалот „ќе се одржува сè додека мажите не научат како да се однесуваат“.

Еден ден после првичниот твит, потврди дека навистина го планира настанот, велејќи: „Првиот фестивал без мажи на Шведска ќе се одржи наредното лето“.

Полицијата вели дека примиле неколку пријави за силување и сексуална злоупотреба на Бравала, во градот Норкопинг. Слична состојба имаше и минатата година на истиот фестивал.

„Не може да се искаже со зборови колку сме тажни поради ова. Најсериозно жалиме и го осудуваме ова. Не го прифаќаме ваквото однесување на нашиот фестивал“, објавија организаторите.