Во Штип се дегустираше џиновска пастрмајлија од 2,3 метри, тешка 25 килограми

Десетата јубилејна Пастрмајлијада, до градскиот стадион во Штип, синоќа започна со дегустирање на џиновската пастрамајлија, тешка 25 килограми, а долга два метра и 30 сантиметри.

Според главниот мајстор на џиновската пастрамајлија, Мите Пеливанов, за да се направи ваква пастрамајлија потребно е искуство од 44 години во пекарата Макпромет, а тројцата мајстори ја приготвувале околу четири часа.

„Во неа има ставено 23 килограми тесто, 18 килограми месо, широка е 70 сантиметри“, вели Пеливанов.

Инаку, „Штипската пастрмајлијада“ веќе подолго време го промовира и слави познатиот локален специјалитет, кој на овие простори од домаќинките се приготвува повеќе од три века.