Во Сараево со многу полиција прикажана „забранетата претстава“

Претставата „Нашето насилство и вашето насилство“, на режисерот Оливер Фрљиќ, во рамки на Интернационалниот театарски фестивал МЕСС кој се одржува во Сараево, вчера сепак беше прикажана пред публиката и покрај притисоците и забраните.

Јавното играње на претставата првично беше забрането од директорите на фестивалот од безбедносни причини, по пишувањата во медиумите и притисоци и закани од насилни групи и поединци дека содржината на претставата ги навредува нивните религиозни чувства, пишува Дневни Аваз.

Но неколку стотина граѓани, кои веќе набавиле карти, се собраа пред театарот и го изразија нивното незадоволство од ваквата „цензура“. Тие на крајот беа пуштени на претставата, со напомена дека тоа го прават на „сопствена одговорност“.

otkazana-pretstava-saraevo

Босанската актерка Јасна Диклиќ рече дека во претставата нема ништо скандалозно, туку дека се работи за концепт кој и во минатото е виден на фестивалот.

„Оваа претстава е критика кон сите нас, па и кон оние кои не доведоа во позиција да се бориме за претставата“, изјави таа.

Премиерот на Кантонот Сараево, Елмедин Конаковиќ, на фејсбук напиша дека градот не заслужува таков циркус и дека полицијата и обвинителството ќе ги истражи заканите и притисоците.

Претставата се одржа под силни мерки на сигурност, а полицијата, цело време додека траеше претставата, се наоаѓаше пред сараевското Народно позориште.

Со свој демант излегоа и продуцентите на претставата кои велат дека сцените опишани во медиумите се извадени од контекст и дека претставата го критикува токму она за што упорно ја обвинуваат, без намера да навреди било која верска заедница.

Фрљиќевата изведба на „Наше насилство и ваше насилство“, според авторите, го критикува лицемерното лице на Европа и повикува таа да преземе одговорност за своето минато.

Претставата ја карактеризира остар и шокантен тон, во намера да покрене размислувања кај луѓето за актуелните состојби.