Во САД се издава поштенска марка со ликот на Janis Joplin

На почетокот на оваа година, Американската поштенска служба најави дека ќе продолжи со издавањето на серијата поштенски марки „Американски музички икони“. Откако во 2012 им беше оддадена ваква чест на Johnny Cash, Ray Charles и Lydia Mendoza, листата е проширена со ликот на прославената рок дива Janis Joplin. Марката ќе биде пуштена во употреба во август, а дизајнот беше откриен пред некој ден.

Во САД се издава поштенска марка со ликот на Janis Joplin

Претходно годинава, на американските поштенски марки се најде и ликот на Jimi Hendrix, а од Американската поштенска служба велат дека до крајот на годинава ќе бидат издадени и марки со ликовите на John Lennon, Jim Morrison, Bill Monroe, Sarah Vaughan, James Brown и Tammy Wynette.

На табаците од по 16 поштенски марки е отпечатена и биографија на Janis Joplin, во која пишува:

„Janis Joplin (1943-1970) беше револуционерна пејачка чиј силен, блузерски глас ја издигна до статус на врвна ѕвезда во рокот. Како икона на 1960-те, таа беше позната по своите слободни настапи, на кои изведуваше со душа. Joplin се смета не само за една од најголемите рок пејачки на сите времиња, туку и за пионер кој го отвори патот за другите жени во рок музиката.“