Во повеќе американски градови шеста ноќ по ред се протестираше поради расните неправди и полициската бруталност во земјата, поттикнати од смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд во полициски притвор во Минеаполис.
И покрај тоа што беше прогласен полициски час во скоро 40 градови во САД, демонстрантите во голем број ја игнорираа оваа забрана, што доведе до тензични собири, а на повеќе места и насилни пресметки со полицијата.
Националната гарда, резервната воена единица за итни ситуации во САД, распоредила 5.000 војници во 15 сојузни држави и Вашингтон, каде граѓаните повторно се собрале пред Белата куќа, овој пат фрлајќи камења кон полицијата и палејќи огнови.
Според извештаите повеќе полициски возила ноќеска биле демолирани и запалени, додека единиците за брзи интервенции возвратиле со солзавец и заслепувачки гранати.

ФОТО: АП
Медиумите пренесуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп за време на протестите бил однесен во специјален бункер во Белата куќа. И покрај бројните протести веќе шести ден Трамп сè уште им се нема обратено на граѓаните истовремено испраќајќи повеќе пораки на Твитер кои дополнително ја вжештуваа атмосферата во земјата.
Во Минеаполис, каде Флојд го загуби животот, возач на камион бил уапсен откако разбил блокада на автопатот, по што со голема брзина се движел кон собраните демонстранти кои марширале по патот. Првичните информации се дека во инцидентот немало потешко повредени лица. Видеата на социјалните мрежи покажуваат дека десетици демонстранти го опколиле камионот и го извлекле возачот откако го запрел возилото.
New cell phone video of a tanker truck driving into protestors on the 35W bridge. Video shot by witness Treye Harrison. pic.twitter.com/jiVvyzIA07
— Boyd Huppert (@BoydHuppert) May 31, 2020
Големи протести се одржале и во Денвер, каде што демонстрантите со рацете ставени зад нивниот грб извикувале „Не можам да дишам“, како и во Атланта, Бостон, Мајами и Оклахома Сити.
Покрај во САД, протестите против полициската бруталност во случајот со Флојд се проширија и во Европа. Протести се одржаа во Лондон и уште неколку британски градови, а собири се одржаа и во Франција, Германија и Данска.