Во САД одобрен за продажба брз тест за Ковид-19 за лична употреба

Соединетите Американски Држави вчера одобрија за продажба брз тест за лична употреба за откривање на коронавирусот, кој дава резултат за 30 минути, како дел од борбата против пандемијата, пренесува хрватски „Индекс“. Администрацијата за храна и лекови (ФДА) даде одобрување за овој назален тест што може да го користи секој кој има над 14 години, а кој се сомнева дека е заразен со вирусот.

Тестот кој го произведува компанијата „Lucira Health“ може да се набави со рецепт, а како што се наведува на веб-страницата на компанијата, чини помалку од 50 американски долари.

„ФДА го одобри првиот тест за Ковид-19 што секој може да го направи дома. Тоа е голем успех кој сведочи за нашата посветеност да го направиме тестирањето подостапно“, рече директорот на ФДА Стивен Хан.

Одобрувањето на тестот, кој се случи многу брзо, е привремено и условно, а од ФДА го издаваат за да се одговори на вонредната ситуација. Тој може да се повлече и измени доколку последователно се појават нови податоци за ефикасноста и безбедноста на тестот.

ФДА уште кон крајот на април и почетокот на мај одобри употреба на тестови за домашна употреба, но за разлика од тестот на „Lucira Health“, наодите на тестовите мора да бидат потврдени од овластена лабораторија.

Во САД досега се регистрирани над 11.7 милиони заразени со Ковид-19, додека над 254.000 луѓе починале.