Во сабота ќе учат учениците што останаа дома поради доаѓањето на Папата

На последната седница, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука на 8 јуни (сабота) да се одработи 7 мај, ден којшто беше прогласен за неработен поради посетата на Папата Франциск.

Според соопштението, оваа сабота ќе биде работна за учениците од скопските основни и средни училишта, кои досега не го надоместија изгубениот училишен ден.

„Тоа значи дека 8 јуни е работен ден за сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на Град Скопје, за вработените и за учениците во основните и во средните училишта на територијата на Град Скопје коишто го немаат одработено овој ден во претходниот период, како и за детските градинки и здравствените установи на територијата на Град Скопје, кои од Министерството за труд и социјална политика и од Министерството за здравство ќе добијат планови за работењето во овие дејности“, се наведува во владиното соопштение.

Исто така, Владата препорачува одлуката за одработување на 7 мај на 8 јуни, да ја спроведат и општините во градот Скопје и Градот Скопје, но и приватниците кои одлучија да не работат поради доѓањето на Папата во Скопје.