Романската полиција соопшти дека 2 илјади граѓани во Букурешт, меѓу нив и православни свештеници, вчера марширале против абортусот.
Организаторите изјавиле дека маршеви имало во 300 градови и населени места во Романија и соседната Молдавија.
Членови на групи против абортусот извикувале слогани како „Живот!“ и носеле транспаренти „Жените заслужуваат повеќе од абортусот“.
Абортусот бил забранет во Романија за време на режимот на комунистичкиот диктатот Николае Чаушески, кој беше погубен во 1989 година по народната револуција во земјата. Абортусот е легализиран во 1990 година, кога за таа медицинска процедура се регистрирале 992 илјади жени, три пати повеќе од бројот на родени бебиња.
Романија сè уште има една од највисоките стапки на абортус во Европа.
Хуманитарната фондација „ПроВита“ проценува дека во Романија дневно се извршуваат околу 210 абортуси. Абортусот во оваа држава е легален во првите 14 недели од бременоста.