Во Прилеп се отвора изложбата „Минливи секвенци“ на Маја Јаќимовска

Во галеријата од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, утре ќе биде отворена изложбата „Минливи секвенци“ од Маја Јаќимовска. Уметницата ќе се претстави со 20 дела.

„Дамнешниот стремеж за компензација на сончевата светлина и создавање услови за дејствување на човекот и во вечерните часови во последните 50-тина години е успешно решен со извори на светлина базирани на електрична енергија, но и на други извори. Но, она што е интересно за нашата тема се визуелните сензации коишто ги предизвикува ова светло и разните конотации и контексти коишто можат да се конектираат на оваа појава, толкувањата на истата како и нејзината интерпретација што, всушност, е и основната носечка идеја на концептот што се обидува да го развие авторката Маја Јаќимовска“, пишува Роберт Цветковски, историчар на уметноста.

Инаку, Јаќимовска е млада уметница од Крива Паланка. Таа е дипломиран сликар со модул графички дизајн на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во тек втор циклус студии на циклус на студии на Европскиот Универзитет во Скопје, на факултет за Арт и дизајн – насока графички дизајн.

Добитник е на втора награда на VII Студентско Интернационално Арт Биенале. Учествува на повеќе групни изложби во земјата и во странство.