Во Париз, Мексико Сити, Мадрид и Атина од 2025 година ќе се забранат дизел возилата

Градоначалниците на Париз , Мексико Сити, Мадрид и Атина соопштија дека до 2025 година ќе биде забрането низ улиците да се движат дизел автомобили и камиони.

Ваквата мерка се носи за да се подобри квалитетот на воздухот што го дишат жителите на овие многумилионски градови и значително да се намали загаденоста, која е поврзана со нарушувањето на здравјето на луѓето.

За време на биеналната конференција на градоначалници, тие најавија дека ќе се бараат алтернативни возила за оние на дизел горивото, како и максимално ќе се поттикнува одењето пеш или со велосипеди.

На конференцијата беше констатирано дека дизелот, и возилата што го користат, директно влијаат врз зголемувањето на загаденоста и на кардиоваскуларните болести и заболувањата на белите дробови.

Светската здравствена органзација посочува дека секоја година, три милиони луѓе во светот умираат од болести, предизвикани од загаденоста на воздухот, а најмногу од нив во големите градови.

Градоначалникот на Мексико Сити, Мигуел Михел Мансеро изјави дека главниот град на Мексико се „задушува“ во загадениот воздух и во огромниот и неконтролиран обем на возила низ неговите улици.

Париз веќе применува мерки за намалување на загаденоста на тој начин што возила постари од 1997 година не смеат да се движат низ градските улици, а еднаш во месецот, главниот париски булевар „Елисејските полиња“ е затворен за секаков сообраќај.

„Сега сакаме да го забраниме движењето на дизел возилата и да го следиме примерот на Токио на тој план“, рече градочалничката на Париз, Ана Идалого.

Нејзината колешка од Мадрид, Мануела Кармина, прифаќајќи едно вакво решение за главниот шпански град изјави дека воздухот што го дишат луѓето директно е поврзан со климатските промени.

Барселона веќе успеа да го намали загадувањето во градот. Преку популаризирање на јавни велосипеди ја намали емисијата на јаглед-диоксид за 9.000 тона, што е еднакво на гасовите кои ги испуштаат возилата кои минуваат 33 милиони километри.