Во Париз ќе се вози пар-непар, градските власти во борба против загадувањето

Француските власти овој понеделник ќе воведат итни мерки за ограничување на сообраќајот, за да се ублажат ефектите од екстремното загадување со кое се соочува францускиот главен град, но и целиот север на земјата.

Во исто време, комплетниот јавен транспорт во градот привремено ќе биде бесплатен.

„Пресреќна сум што државата дозволи да воведеме делумна забрана за возење автомобили во понеделник, која јас ја барав неколку дена по ред“, напиша градоначалничката Anne Hidalgo на својот профил на Твитер.

Утре, возењето ќе биде дозволено само за автомобилите кои имаат регистарски таблички што завршуваат на непарен број, а исклучок се само амбулантните и противпожарните возила, електричните автомобили и такси возилата.

Слични итни мерки беа воведени во Париз пред точно една година – на 17 март лани, кога исто така имаше екстремно загадување на воздухот. Во градот, нивоата на ПМ-10 честички со денови се над дозволеното ниво, кое е поставено на 80 микрограми на кубен метар.