Во основно училиште без маски, а факултетите да започнат настава со физичко присуство, одлучи Владата

Сите студенти да се вратат на настава со физичко присуство, почитувајќи ги препорачаните превентивни мерки проив КОВИД-19, додека наставата во основните училишта да се одвива без маски за учениците, освен ако учениците по сопствена волја не бараат да носат заштитна маски. Ова се дел од одлуките кои Владата денеска ги усвои како олабавување на рестриктивните мерки по препорака на Главниот координативен кризен штаб за справување со КОВИД-19.

За студентите е задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување на физичко растојание 1-2 метри, зачестена хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влезовите во предавалните, амфитеатрите, вежбалните, односно негрупирање и често проветрување на затворените простории, со препорака за вакцинација на студентите и наставниот кадар на факултетите во државата.

За наставниците и останатите вработени во училиштата, пак, останува обврската за носење маски.

Покрај ова, Владата на седницата одлучи и да се зголеми максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот најмногу до 50%, на најмногу до 75%, со задолжително носење на заштитни маски за културни настани како театри, кина, филхармонија, но и семинари, обуки, состаноци и конференции. При тоа, одлучено е да се укине обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори.

„Да се укине мерката за задолжително поседување сертификат/потврда (за извршена имунизација (вакцинација), односно примени две дози на вакцина против КОВИД-19  или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 180 дена, сметајќи од денот на оздравувањето) за посета на угостителски објекти на отворено. За затворените делови останува обврската за задолжително поседување на сертификатите за вакцинација или за прележаност“, стои во владиното соопштение.

Согласно актуелната епидемиолошка состојба, Владата го прифати и барањето на Министерството за внатрешни работи, полицијата и армијата да продолжат со обезбедувањето на КОВИД центрите и вакциналните пунктови, а да престане надворешното физичко обезбедување на одделни КОВИД капацитети во Скопје и другите градови на државата.