Во основните училишта во Битола работи само еден дефектолог

Андријана Шокларовска е единствениот дефектолог во Битола вработен во основно училиште. Во „Климент Охридски“ се школуваат девет деца со посебни образовни потреби кои имаат аутизам, комбинирани пречки, лесна интелектуална попреченост или физички хендикеп. Учениците користат асистивна информатичка технологија за да можат да учат со нивните врсници во редовната настава.

Кога ја посетивме Андријана во училиштето, таа работеше со Стефан кој е ученик во петто одделение со комбинирани пречки. „Јас многу ја сакам шарената тастатура. Таа ми помогна да станам писмен. Секогаш се радувам кога доаѓам кај Андријана. Со неа заедно учиме и сето тоа низ многу игра“, ни рече Стефан.

Подоцна, во кабинетот влезе шестоодделенецот Никола, исто така ученик со комбинирани пречки.

„Доаѓам кај Андријана неколку пати неделно и заедно работиме. Вежбаме математика, пишуваме на шарената тастатура, играме игри, тука се подготвувам за тестовите што ме чекаат во тековниот ден и слично“, вели Никола.

Асистивната технологија во основното училиште „Климент Охридски“ ја донирало граѓанското здружение „Отворетет ги прозорците“, преку Проектот на УСАИД за е-пристапно образование.

„Добивме екран на допир, шарени тастатури, тракбол и одвоен клик адаптирани според потребите на децата, со што многу ми се олесна работата. Со тоа ги надминавме претходните тешкотии и се забележува голем напредок кај децата. Напредокот на учениците со посебни потреби најмногу се гледа во описменувањето, како и во пресметката на математичките операции“, изјави дефектологот Шокларовска.

Таа вели дека децата со попреченост се одлично прифатени од своите врсници кои им помагаат да се качуваат по скалите во училиштето, да одат во тоалет и да ја отворат ужинката.

„Децата се чисти души. Кај нив нема предрасуди дали е детето од друга националност, со посебни потреби, со потешкотии во учење, дали има какви било  тешкотии. Се трудиме да ги тргнеме бариерите и меѓу родителите. Родителот е тој што има голема свест и како ќе го воспита детето, тоа така и ќе расте“, вели Шокларовска.

Таа потенцира дека мотото на „Климент Охридски“ е училиште по мерка на детето, кое како единствена образована установа во Битола што им помага на основците со посебни потреби претставува и прозорец преку кој тие го осознаваат светот.

Наташа Мустафа, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста