Во новата чешка Влада именувани две лица со посебни потреби

Именувањето на Павел Бјелобрадек, кој боледува од мултиплекс склероза, и на слепиот правник Ондреј Заводски, на високи функции во новата чешка Влада го покажува на дело квалитот на луѓето со посебни потреби доколку нивниот инвалидитет не се смета за хендикеп, јави дописникот на МИА од Прага.

Во новата чешка Влада именувани две лица со посебни потреби

– Мултиплекс склерозата ми дава слобода и ми ги одреди животните приоритети, вели Бјелобрадек, лидер на Христијанската и демократска унија – Чехословачка народна партија (КДУ-ЧСЛ) и вицепремиер на новата чешка Влада кој со оваа засега неизлечива болест живее 13 години и за неа отворено зборува како за „придружничка“ која ќе биде со него до крајот на животот.

Пред камерите тој не крие ниту еден факт од болеста која го зафаќа централниот нервен систем и влијае на неговата моторика, но тврди дека не се самосожалува иако смета дека најголем хендикеп му е намалената физичка активност.

– Јас не размислувам за некои поголеми планови, бидејќи не знам што ќе биде за една година, за две и фактички сум послободен во планирањето на идната кариера бидејќи знам дека порано или подоцна ќе морам да ја прекинам, вели 37-годишниот политичар.

Бјелобрадек за поважно од здравјето ги смета меѓучовечките односи оценувајќи дека „и болниот човек може да има квалитетен живот доколку има квалитетни меѓучовечки односи и ако живее во средина со луѓе кои го сакаат таков каков што е”.

Триесет и четиригодишниот правник Ондреј Заводски, кој е новиот заменик министер за финансии не ја крие храброста и своите амбициозни планови во врска со борбата против корупцијата.

Иако е слеп од раѓање и ќе му треба помош кога ќе се движи во зградата каде што ќе ја извршува новата функција сепак тој е познат како човек кој не се плаши да зборува за нечесност и корупција.

Претходно работел во Министерството за внатрешни работи од каде и бил принуден да си замине откако предупредил на сомнителни корупциски зделки. Во новата Влада има намера да се посвети на регулација на коцкањето и игрите на среќа.

Заедно со Заводски во Министерството за финансии ќе биде и неговиот 12-годишен асистентски пес, златниот ретривер Чико. Заводски ќе работи на компјутер со посебна програма, која за него ќе ги чита документите.