Во Норвешка пошта ќе доставуваат роботи

Норвешката национална пошта Постен Норге наскоро ќе почне да користи поштари роботи, односно роботизирана доставна служба, за на корисниците да им овозможи што подобра услуга на достава на пратките.

Постен Норге склучи договор со стартап компанијата Бади мобилити која има седишта во Осло и Сан Франциско. Планот е во првата фаза на улиците да пушти роботизирани возила само во градот Конгсберг, а подоцна и во останатите норвешки градови.

Роботот поштар ќе функционира така што ќе стигне пред домовите на корисниците и ќе ги информира за пристигнувањето на пратката. Пораката граѓаните на Конгсберг ќе ја добијат преку апликација на паметните телефони. Во пораката ќе го има и кодот за отклучување на сандачето во возилото.

Роботизираното возило ќе вози по улица со брзина од 6 км/ч и со тоа темпо ќе може да доставува пратки на сто адреси дневно. Откако ќе ги достави сите пакети, возилото ќе се врати во поштенската канцеларија, ќе ги наполни батериите и ќе чека нови пратки за достава.

Норвешка не е единствената земја со ваква идеја. Германија на почетокот на годината почна со проектот Постбот, роботизирано возило кое им помага на поштарите.