Во недела протестен собир „Македонија против насилството врз животните“

На централниот скопски плоштад „Македонија“, во недела (9 април) од 12:30 часот ќе се организира собир под името „Македонија против насилството врз животните“.

Иницијатор на собирот е Здружението „Анима Мунди“, кое како барања наведува масовна стерилизација, а не масовна елиминација на животните. Исто така, активистите бараат забрана за слободната продажба на отрови, под итно формирање полиција за животни, но и казна затвор за насилниците.

Овој протест доаѓа откако вчера се прошири реакција од „Анима Мунди“ и фотографии со обесени и отруени кучиња. Од Здружението рекоа дека обесените кучиња, животни за кои некој поставил стапици, и за кои понатаму поставува, се призор со кој се соочија граѓани од Ново Лисиче, кои со денови ги барале маалските миленици.

Според Здружението, кучињата својот последен здив го испуштиле зад  Фудбалски сојуз на Македонија, со сајли околу вратот кои при секое движење и обид да се извлечат затегаат се повеќе. Исто така, „Анима Мунди“ алармираше и за масовно труење на кучиња, кои дојдоа трите случаи на угризи од кучиња, кои, велат активистите, без исклучок и со потврда и од Агенција за храна и ветеринарство биле предизвикани од кучиња со сопственик.

„Отрови кои за 10 минути би убиле и човек се расфрлани по градови и села, на шеталишта, покрај училишта и градинки; наменети за маалски кучиња и мачки кои се тетеравеле, плукале крв, се угушиле во сопствените повраќаници пред очи на растревожени минувачи и неретко деца! Труењата се случуваат истовремено, синхронизирано и веруваме дека удел имаат и општините. Порачуваме итно да запрат и итно да преземат мерки за истрага и приведување на сторителите, кои вршат повеќе прекршоци и сериозно кривично дело, казниво со казна затвор! По масовната паника и хистерија која завладеа небаре кучињата се главна опасност во државата, без при тоа да се види статистика која укажува дека се ова изолирани случаи и напади од кучиња со сопственик (научени да бранат или напаѓаат), т.е. дека многу побројни се несреќи предизвикани од насилници, силувачи, педофили и слично, живееме во околности каде отровот ги убива оние кои се недолжни, кои се на улица не по своја вина, кои се нашле во погрешно време на погрешно место зошто друг избор немаат“, велат од „Анима Мунди“.