Во наредните шест месеци ќе се спроведува проект за модернизација на системот за постсредно образование

До крајот на февруари 2017 година треба да заврши проектот на Институтот за истражувањето на образованието од Варшава и Министерството за образование и наука на РМ за поддршка на модернизација на системот за постсредно образование, пренесе МИА.

Целта на проектот е да го поддржи развојот на човечките ресурски преку модернизација на системот за образование и наука, а со посебен фокус на постсредното образование, за што ќе се ажурираат стратешките документи и ќе се ревидира законодавството во областа на Националната рамка за квалификации.

За потребите на проектот, во наредните шест месеци тим од 16 експерти од полскиот Институт и од други  земји од ЕУ, а во соработка со МОН, ќе ги посетуваат средните училишта и ќе одржуваат состаноци, работилници, обуки, советување… Целта на посетите и разните активности е да се подигне свесноста за овој сегмент, односно вклучување на сите засегнати страни да придонесат за заживување на постсредното образование.

Вкупниот буџет на проектот, кој денеска беше презентиран во ЕУ Инфо центарот, е 250.000 евра, од кои 85 отсто се од Европската унија преку ИПА-програмата, а 15 проценти се национално кофинансирање.