Во моите чевли – Изложба на модни фотографии каде модели се лица со посебни потреби

Во „Мала станица” вечерва (17 ноември) во 19 часот, ќе се отвори изложба на модни фотографии, како завршна фаза од проектот „Во моите чевли”.

Проектот има цел да ги разбие стереотипите околу поимањето на убавината и да ги истражи потребите на лица со попречен вид, церебрална парализа, телесна попреченост и Даунов синдром, при процесот на селекција и купување на облека. Посетителите на овој настан ќе имаат можност да се запознаат со индивидуалните потреби на секој од учесниците и различни начини како може да се воведат нови инклузивни решенија во текстилната индустрија во Македонија, со фокус на малопродажните канали.

Автори се модните дизајнерки Маја Ѓуреска и Антонија Гугинска Јорданоска, заедно со Росица Колева како специјален едукатор.

Изложбата ќе биде поставена за посетители до 20 ноември, а влезот е слободен.