Во медиумите недостасуваат содржини и програми од млади за млади

Во време на отсуство на печатени гласила и огромен број портали, кога традиционалните медиуми стануваат нерелевантни за младите, потребно е да се пополни „дупката“ од образовни, културни и забавни програми. Истовремено, медиумите да бидат во тек со потребите на поновите генерации и да нудат содржини креирани од млади за млади.

Ова беа меѓу главните заклучоци на панел-дискусијата „Младите и медиумите“, организирана од Коалиција на младински организации СЕГА, во рамки на Неделата на граѓански организации поддржана од УСАИД.

На панелот прв зборуваше Сашо Богдановски од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ). Низ призма на истражувања од изминатите години, тој укажа на тенденција за целосен пад на информирањето од традиционалните медиуми.

„Младите претставуваат единствена категорија кај која интернетот е најзначаен извор за информирање. Кај сите други возрасни групи – најчесто е телевизијата. За домашните и странски настани, најчесто младите следат ТВ и интернет, скоро никогаш печатени весници или радио“, нагласи тој.

Во однос на паметните телефоните, има нагласена тенденција за користење, пред се’ за социјални мрежи. Кај нив е поголема изложеноста на информации, вели Богдановски, отколку кај оние што традиционално користеле еден пристап, десктоп или лаптоп.

„Засега немаме детални податоци на јавниот сервис, кој е единствениот со обврска за ваков вид програми. Забележавме нови емисии на пример на ТВ 24, потоа Радио МОФ и самото име кажува дека се занимава со емисии и интернет програми кои специјално ги таргетираат младите. Потоа, оној сегмет кој можеби се уште не е развиен – непрофитните радиа. Постојат три универзитетски радиа во Скопје, Штип и Битола. ‘Гоце Делчев’ имаат и телевизиска програма, меѓутоа од затворен тип, за студентите во рамки на универзитетот. Уште еден феномен е Канал 103, радио кое зрачи со години и, пред се’, е ориентирано кон музиката, но и програми како пример ПичПрич“, рече Богдановски.

Претставникот од ААВМУ ја потенцира и доминацијата на Фејсбук, и не само за информирање. „Медиумите се поврзани и со општествените феномени. Не можеме да ги гледаме како што беа поставени во минатото“, констатираше тој.

На ова се надоврза Викторија Кафеџиска, професор на Факултетот за правни науки при Европски Универзитет. Фејсбук, Твитер или Инстаграм е погрешно да се карактеризираат цело време како „нови“ медиуми, бидејќи, вели таа, кога се појавиле и телевизијата и радиото биле „револуционерни“.

„Треба да биде разбиен митот за ‘старите’ и ‘новите’ медиуми. Маршал Меклуан велеше дека ‘светот ќе стане глобално село’. Секој медиум е порака. Секој медиум го формира личното, но и општото мислење. Секоја порака на Фејсбук открива дел од нашиот идентитет“, рече таа.

Според Кафеџиска, младите се ориентираат кон „новите“ медиуми и поради недостатокот на странски вести низ домашното медиумско небо.

Панел-дискусија „Младите и медиумите“ на Европски Универзитет; фото: Коалиција СЕГА

„Дополнително, во минатото на телевизиите имавме респектабилни образовни програми. Зошто телевизиите бегаат од нив? Една од причините е можеби недостатокот на средства за продукција на таква програма. Сепак, сите ТВ станици во Македонија имаат обврска да го задоволат култоролошкиот плурализам. Исто така, сметам дека сленгот и жаргонот во медиумите се недозволиви, бидејќи содржините ‘влегуваат дома’“, рече професорката.

За недостатокот на едукативни и културни програми, наменети за младите, зборуваше и  Јелена Стаменковиќ од Македонско радио Скопје.

„Програмите треба да бидат реализирани, водени и креирани од млади луѓе. Да ги следат нивните потреби и трендови. На медиумите им треба допир од младите. Свежа крв. Ние преку медиуми се школувавме. Некои од контактно-образовните емисии добиваа награди на ниво на Југославија. Емисии иницираа цели акции за пошумувања, средување на училишен двор, јавни простори… Треба визионерски пристап“, забележи таа.

Според уредничката од весникот „Вечер“, Весна Божиновска Миќиќ, Македонија моментално се вратила на ниво во 60-те. Во смисла, во земјава моментално виреат изразито малку печатени весници.

„Гледајќи ги потребите на младите, увидовме дека сакаат да читаат за секс, дрога, крв и рокенрол. Џабе се сите детални економски анализи, кои ги тангираат и се важни во контекст со потребите на младите. Затоа, мораме да нудиме и свежи содржини, не вчерашни, веќе прочитани, видени преку Фејсбук и порталите. Од друга страна, во земјава постојат 800 портали. Секој дома со пижами си води портал“, рече таа.

„Прашањето е колку на младите им требаат медиумите, и колку на медиумите им требаат младите“, нагласи Божиновска Миќиќ.

Ивана Анѓеловска од Волонтерски центар потенцираше дека во целиот простор е важна и медиумската писменост. Сега, вели таа, младите посетуваат и младински блогови, а потребен им е простор и за слобода на изразување.

„Но, скоро и да нема програми за млади. Недостасуваат емисии како ‘Ѕвон’ или ‘Пулсирања’, но и идеи од самите млади луѓе. Оттука, доколку сите заедно соработуваат (граѓански сектор, медиуми, институции н.з.), тогаш ќе се најде начин како да делуваме понатаму“, смета таа.

Последен на панелот зборуваше младиот Марко Марковиќ – GP. Toj e „јутубер“, кој зад себе има над 90.000 следбеници. Смета дека „јутуберите“ низ светот својот замав го имаа пред цела декада, додека во земјава се актуелизираа последниве две години.

„Јас сум доста популарен бидејќи главно зборувам за видеоигри. ‘Јутубот’ е главен извор за забава на младите. Со брзина и леснотија се добиваат бараните содржини. Инаку, на телевизиите како воопшто да нема емисии за млади. Ги нема во соодветните термини – кога сме дома. Младите доцна стануваат, па не можат да следат ‘утринска на ТВ’“. Дома во собата пет години сум без ТВ. Турските серии највеќе не’ отргнаа од телевизија. Во трка за профит, телевизиите заборавија на гледачите, на потребите на младите“, рече младиот Марковиќ.

Бојан Шашевски