Во кумановската болница отворен првиот центар за жртви на сексуално насилство

Денеска во кумановската болница, беше отворен првиот од вкупно трите центри за заштита на жртви од семејно насилство со донација од 400 илјади евра од УНДП и УНФПА, како и во соработка со граѓанската организација ХЕРА. Центарот, како што соопштија надлежните, профункционира само една година откако Владата на Р.Македонија ја ратификува Истанбулската конвенција за превенција и сузбивање на насилството врз жените и на семејното насилство.

„Во државата досега немаше ниту еден центар каде ќе бидат згрижени овие жртви. Токму поради тоа, процентот на пријави на вакви случаи е многу мал. Во овие центри сега жртвите ќе ја добиваат помошта на едно место, односно нема да бидат принудени да одат на различни места и постојано да ја раскажуваат истата приказна“, изјави Лујза Винтон, постојана координаторка на Обединетите нации во Македонија.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, во своето обраќање рече дека со отворањето на овие центри, Македонија ги обезбедува потребните услуги за жртвите на сексуално насилство, кои се во согласност со меѓународните стандарди.

Според, министерот за здравство Венко Филипче, целта на овие центри е примарно да се заштитат жртвите од родово насилство, на начин со кој ќе се почитува достоинството и интегритетот на жртвите. Тој додаде дека Центарот е пристапен за жртвите со физички инвалидитет и е целосно опремен со гинеколошка опрема.

За работењето на центарот е развиена стандардна оперативна процедура за третман на жртви на сексуално насилство која ќе помине како официјален документ на следната владина седница и истата ќе биде обврзувачка за понатамошно користење.

Република Македонија, во декември 2017 година ја ратификуваше Конвенцијата на Совет на Европа за превенција и сузбивање на насилството врз жените и семејното насилство. Според член 25 од оваа Конвенцијата, имаме обврска, како држава, да ги инкриминираме сите форми на насилство врз жените вклучително и сексуално насилство.