Во Куба се забранува подигнување споменици и именување на улици во чест на Фидел Кастро

Кубанскиот претседател Раул Кастро синоќа најави дека Куба ќе забрани да се подигнуваат споменици и улици да се нарекуваат со името на неговиот брат и симбол на револуцијата Фидел Кастро во согласност со негова желба да се избегне култ на личноста.

Соопштението е објавено по националната жалост поради смртта на Фидел Кастро, а пред денешното поставување на урната со негова пепел во Сантијаго де Куба.

„Лидерот на револуцијата отфрли каков било култ на личноста и во тоа остана одлучен инсистирајќи по неговата смрт неговото име никогаш да не се употреби за имиња на иституции, улици, паркови и други јавни места, и никогаш да не му биде подигната биста, статуа ниту споменик“, рече Раул Кастро во обраќањето пред голем број луѓе собрани во Сантијаго, градот од каде започна Револуцијата.

Фидел Кастро почина во минатата недела на 90-годишна возраст. Урната денеска ќе биде поставен во земја покрај мавзолеј на борците за кубанска независност.