Во кои македонски општини мажите и жените се најмногу и најмалку рамноправни?

Во Општина Центар мажите и жените се најрамноправни, додека најголема родова нееднаквост има во Студеничани, покажуваат податоците на Реактор – Истражување во акција, кои ја истражуваа родовата еднаквост во сите 81 македонски општини.

Висока родова еднаквост има и во Вевчани и Град Скопје, а во петте најдобро рангирани општини се најдоја и Штип и Карпош. На дното на ранк-листата, покрај Студеничани, се најдоја и општините Арачиново, Могила и Пласница.

Индексот на родова еднаквост секоја од општините ги рангира и оценува според состојбите во три категории – родови јазови, овозможувачки услови и родово одговорна општина.

„Со цел да овозможиме целокупен преглед на состојбите во сите општини во Република Македонија, со овој Индекс опфативме 81 општина и ги анализиравме во три главни области: родов јаз, овозможувачки услови и родово одговорна општина. Во првата област индексот овозможува преглед на разликите меѓу жените и мажите во општините во домените на економијата, образованието и политичкото учество. Втората област ја споредува застапеноста и достапноста на услуги и сервиси во општините кои се важни и неопходни за жените. Последната област ги прикажува напорите што самата општина ги прави во спроведување и креирање на политики, програми и издвојување на буџетски средства за надминување на системските бариери за жените, односно, анализира колку општинските стратегии, програми и буџети влијаат на фактичко подобрување на животот на жените“, посочуваат од Реактор.

На интернет страницата „Родов индекс“, каде податоците се графички прикажани низ мапата на Македонија, може да се пристапи до секоја од општините и детално да се разгледаат и споредуваат сите поединечни индикатори.

Покрај Град Скопје, кој се најде на третото место, од поголемите македонски градови според родовата еднаквост добро се рангирани и Штип (4-то место) и Струмица (6). Куманово е најлошо пласираниот поголем град (55-то место), кои се во долната половина заедно со Прилеп (54).

Индексот е изработен како дел од проектот „Мобилизирање за родова еднаквост“, кој ја адресира константната родова нееднаквост во сите сфери во јавниот и приватниот живот во Република Македонија. Целта на проектот е да се препознаат добрите практики во работата на институциите, но и аспектите во кои е потребно подобрување со цел да се унапреди позицијата на жените во Република Македонија. Проектот е имплементиран од Реактор – Истражување во акција со поддршка на УСАИД.