[Колумна] Во каква утописка Македонија би сакала да живеам?

Одамна престанав да сонувам, не дека ќе биде подобро тука, туку воопшто дека ќе успеам некој ден да бидам сведок на било каков прогрес на човечкиот род. Размислувам која е всушност вредносната матрица што ние ја носиме. Дали оние луѓе кои сонуваат за подобро утре се само ерор во големиот систем на неправда, заробеност на умот и гнилост?, прашува студентката Сара Миленковска во својата колумна за Гласови за демократија.

Грешка во системот кој на неколку стотини години го тера, борејќи се против него, да го подобри светот, и за жал успева во тоа.

Бидејќи секогаш во еден историски момент одново се раѓа надежта дека како битија имаме капацитет да бидеме подобри. И тоа за среќа, трае кратко бидејќи секоја добра идеја ја губи својата вистинска цел и природа, бидејќи успеваме да ја претвориме подоцна во бич за манипулација. Враќајки се по истиот терк, чекаме одново да создадеме простор за повторно ремоделирање на нашата човечка ограниченост.

Македонија е само еден микрокосмос на тоа што се случува насекаде. Ги имаме очите да го разбереме потенцијалот на оваа држава, што носат луѓето во неа и колку може да биде подобро.

За подоцна, преку некој инфериорен (балканизам е наметнат термин) менталитет, рационално заведени од иделогии кои креираат шизофрен идентитет, кое само по себе е парадоксално бидејќи луѓето свесно бираат да бидат дел од илузија, бираат да останат заглавени во регресивна состојба.

Сегашниот ментален склоп на граѓаните не ми остава простор да сонувам за некоја подобра ситуција во Македонија, па затоа си дозволувам само околу себе да се обидам да влијаам за подобро утре. Сосем незначајно и затоа и мора да се направи, бидејќи оние мали семиња кои денес ги садиме сигурно ќе вродат со плод.

Почнав да верувам дека да допреш еден човек со идејата за слобода е повредно од тоа да го промениш трулиот систем. На тој начин го оставаш природниот тек да ги менува работите од самата основа.

Со тоа се откажуваш и од помислата дека ќе бидеш сведок еден ден на таа целосна промена, но не преку тоа барајќи начин да се утешиш за моменталната состојба и твојата немоќ да промениш нешто директно. Баш напротив, тоа да те мотивира да го гледаш долотрајниот прогрес на своето општество за коа си свесен дека е потребно време.

Само едукацијата, отвореноста и разбирањето ќе успеат да ги надминат спрегите кои граѓаните на Македонија си ги поставуваат.

Дали тоа е лош аманет од транзицијата, или избор на потчинетост наместо одговорност повеќе не е ни важно, поважно е да се остане чист низ самиот процес.

За да ги промениш трулите вредности во едно општество, мораш да бидеш одлика на оние кои сакаш да ги поставиш. Не можеш да се бориш за слобода, пропагирајќи едноумие. Сакам и оние кои зборуваа први за слобода во ментално заробеното општество, да се присетат зошто започнале да го прават тоа, бидејќи во моментов низ Македонија сите играат иста игра. Игра на поделби, параноја и нормализирање на злото.

Поделени во различни реалности, сме делегирале одговорност дека вистинските виновници за кризата одеднаш ќе ја решат политичката криза, а на секојдневно ниво сеуште го дозволуваме секојдневното зло.

Пропастот на една држава не се случува одеднаш, тоа е само резултат на неадресирање на вистинските проблеми, лоша политка и несолидарност.

Сакам да живеам во Македонија во која нема да се мразам себе си затоа што мислам на бегство од тука, само поради тоа што никогаш нема да можам да бидам своја овде заради моите вредности кои не соодветсвуваат со тукашните. А кога би им се дало шанса, би го промениле црниот облак врз Македонија.

Автор: Сара Миленковска