Укинати ограничувањата за кафулињата и рестораните, на иста маса ќе може да седат и повеќе од две лица

Ограничувањата за седење на две лица на една маса и четири лица ако се од исто семејство во кафулињата и угостителски објекти се укинати со измена и дополнување на протоколите за работа на кафулињата и на угостителските објекти за исхрана на вчерашната 76-та Владина седница.

Кафулињата беа затворени на 14 март како дел од мерките за сузбивање на коронавирусот, додека угостителските објекти работеа со достава и преку шалтерски систем.

Два месеци подоцна, односно на 28 мај, кафулињата и угостителските објекти ги отворија вратите и работеа во периодот од 8 до 22 часот, а функционираа само надворешните делови на објектите, односно, нивните тераси. На 26 јуни, на угостителите им беше дозволено да ги отворат и внатрешните делови на нивните објекти. Притоа важеше правилото дека на една маса може да седат две лица, или четири од исто семејство.

Постепено подоцна, на 19 јуни Владата донесе одлука да се врати старото работно време на кафулињата и угостителските објекти, односно, тие да работат до полноќ, а за време на викендите, односно во петок и сабота да можат да работат до еден часот по полноќ.