Во Јужна Кореја се одржува натпревар за „правење ништо“

Во Сеул, Јужна Кореја, секоја година се одржува натпревар во кој учесниците седат и не прават апсолутно ништо со часови.

Space Out натпреварот, основан од јужнокорејскиот визуелен уметник WoopsYang во 2014 година, за трет пат бил одржан во мај, во градскиот парк Ичон Ханганг.

Според уметникот, натпреварот е основан за да ги охрабри младите на Јужна Кореја, кои се зависни од технологија и постојано под стрес од работа, да забават и да се одморат.

„И јас самиот патев од синдром на премореност порано, и се чувствував екстремно нервозно додека седев и не правев ништо, ако не бев продуктивен на некој начин“, вели уметникот за Vice.

„Си помислив, сите би се чувствувале подобро додека не правиме ништо, ако го правиме тоа заедно, како група“.

На овогодинешното издание се натпреварувале речиси 70 лица, кои се согласиле на правилата според кои не смее да се користи мобилен телефон, не смее да се зборува или да се проверува колку е часот. Панел судии биле присутни за да се погрижат луѓето кои ги прекршуваат овие правила да бидат дисквалификувани.

За да бидат сигурни дека натпреварувачите се во „искулирана состојба“, пулсот им бил проверуван на секои 15 минути. Победник на натпреварот е оној кој има најстабилен пулс.

Победникот на натпреварот оваа година бил Шин Хио-Сеоб, рапер кој во Јужна Кореја е познат под прекарот Краш. Бил прогласен за „најисклучен“, бидејќи имал најстабилно отчукување на срцето од сите кандидати кои останале на натпреварот.