Во Јапонија се продаваат бебиња-роботи за паровите кои немаат деца

Бебе-робот дизајниран да „предизвика емоционална поврзаност“ кај луѓето кои немаат деца беше претставен во Јапонија, каде стапките на наталитет опаѓаат сѐ почесто, а многу млади парови одлучуваат да немаат деца.

Киробо Мини е создаден од Тојота и е опремен со вештачка интелигенција и камера, за да може да го препознае лицето на личноста која разговара со него и да одговори.

„Малку се ниша, но тоа е смислено за да симулира бебе кое сѐ уште не ги развило способностите да се балансира“, вели Фуминори Катаока, главниот инженер и дизајнер на Киробо Мини. „Оваа ранливост е наменета за да предизвика емоционална поврзаност“.

Тојота планира да го продава Киробо Мини, кој трепка со очите и зборува со бебешки, тенок глас, за 39800 јени во Јапонија, од наредната година. Со него, купувачот добива и „колевка“, која може да служи и како бебешко седиште кое го собира во држачот за чаши во автомобилите.

Бебето-автоматон е уште еден робот на листата на „придружници“, како Џибо – паметната светилка и Паро, робот-фока кој им помага на пациенти со деменција. Околу половина од јапонската популација има повеќе од 65 години, а за нив нема доволно социјални работници и негуватели, па многумина од нив решаваат да си набават робот.

Во последните 50 години, раѓањата во Јапонија се намалија за милион на година, според државните статистики. Една од 10 жени не се мажат, а на вонбрачните деца сѐ уште се гледа со стигма и се многу поретки отколку во западните и развиени нации.

Истовремено, Јапонија е и најголем корисник на индустријални роботи. Катаока вели дека Тојота, која инвестира многу во развивањето на вештачка интелигенција за беспилотни автомобили, го гледа Киробо Мини како чекор напред кон поразвиените роботи кои ќе можат да ги препознаваат и да реагираат на човековите емоции.