Во Иран погубени три лица поради вмешаност во протестите по смртта на Махша Амини

Иранските власти денеска егзекутираа тројца мажи осудени за вмешаност во смртта на тројца полицајци за време на протестите за смртта на Махса Амини минатата година, пренесува Данас.

Маџид Каземи, Салех Мирхашеми и Саид Јагуби беа прогласени за виновни за „војна против Бог“ за време на демонстрациите во градот Исфахан, во централен Иран, соопштија правосудните власти. Тие беа уапсени во ноември минатата година, додека во јануари беа осудени на смртна казна.

Тие беа прогласени за виновни како „членови на групи кои имале намера да ја нарушат безбедноста на земјата“.

Протестите во Иран започнаа на 16 септември 2022 година, на денот на смртта на 22-годишната Махша Амини, која беше уапсена три дена претходно во Техеран поради „несоодветна облека“ и непочитување на строгиот кодекс на облекување на жените во Иран.