Во Индија, Турција и Пакистан најмногу се цензурира содржината на Фејсбук

Како сè повеќе Фејсбук се шири, така земјите се позаинтересирани да тргаат одредени содржини што се поставуваат на оваа социјална мрежа.

Цензурата на Фејсбук се зголемила за 19 проценти во првите шест месеци од 2014 година и во последните шест месеци од 2013 година, соопшти компанијата. Но, цензурата на Фејсбук не е секаде рамномерна. Има земји каде луѓето не се спротивставуваат многу при тргање на одредена содржина од социјалната мрежа.

Според Извештајот за транспарентност на мрежата, Фејсбук отстранил некои содржини во 15 од 83 држави. Во Индија, Фејсбук цензурирал 4960 содржини од јануари до јуни оваа година. Турција е следна со 1893 цензурирани содржини, а на трето место е Пакистан со 1773 цензурирани содржини. На четврто место се наоѓа Германија, но со само 34 цензурирани содржини.

Портпаролот на Фејсбук изјави дека компанијата го ограничува пристапот до содржината само кога е „нелегална според локалниот закон“. Фејсбук не даде многу детали за тоа зошто одредена содржина се цензурира или врз основа на што законите го дозволуваат тоа.

Воглавно, забраните од трите земји што се најдоа први на листата по цензурирање на содржините на Фејсбук се поради локалните закони кои забрануваат критика на религијата или државата.

Извор: Mashable