„Во името на законот“ – говорот на Марија Додовска, наградена за најдобар сценски настап на „Иво Пухан“

Со изведба на говорот „Во името на законот”, Марија Додовска – студентка на правните студии на Правниот факултет „Јустинијан први“, ја освои наградата за најдобар сценски настап „Бранко Ѓорчев” на годинешната Ораторска вечер „Иво Пухан“.

На финалната вечер говореа вкупно осум студенти на актуелни теми. Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува говорот на Додовска:

Полнолетството на македонската државност не донесе зрелост на политичките елити. Наместо зголемувањето на свесноста и одговорностите, нашето општество, веќе триесет години е метастазирано од непрофесионалниот и неетички однос на одговорните. Чекајќи по шалтери, по институции, се чувствува здивот на хаосот. Решението за тоа е да имате „некој свој“, „некој од нашите“ и со Високо нестручна и јавна администрација, што е составена по партиски клуч. Стручноста и одговорноста застанува кога „ќе се јави некој од горе“, за работата да биде или да не биде завршена.

Лоша економија, постојан стрес, катастрофални здравствени услуги и уништено образование, социјална апатија. Миграцијата на младите, што подалеку од дома, нема можност за индивидуална одговорност на поединците, а одговорни се сите чинители со декади наназад. За да можеме да продолжиме напред, ќе мора да ја признаеме нашата инертност. Сите носиме одговорност за оваа состојба. Лошите кадровски решенија, негативната селекција и неписмените и неодговорни вршители на јавните добра, допринесоа да дојдеме на ова дереџе.

„Дојдоа дивите и ги избркаа питомите!“ Како да ја ресетираме македонската држава?

За почеток, сите оние да одговараат кои ја злоупотребија државата за  сопствени интереси. Следно, покренување на моралното излагање и либерализација на јавните добра и услуги, со кои ќе започне повторно издигнување на институциите на системот. За крај, да ја создадеме можноста за привлекување на инвеститори, а нашите квалитетни млади кадри нема да мора да бидат принудени да работат во туѓина, туку ќе останат дома, близу до најмилите.

Во спротивно, нашите млади ќе си заминат, корумпираните ќе останат неказнети, а сите останати, ќе пропаднат во целосна апатија. Ако во деведесеттите години, прифативме квоти по етнички или родов принцип, денес, останува да го прифатиме квалитетот и прогресивноста на истите. Тоа се постигнува не само преку тоа дали е некој маж или жена, ниту пак дали некој е дел од колективот на некоја од помалите етнички заедници. Тоа единствено се доловува со почитување на Уставот на законите и со себеусовршување. Во една држава, која е самостојна и суверена, да владеат општествено одговорни норми, а не подземје и насилници! А тоа само би се усвоило ако ги зголемиме нашиот глас и ставови, со што надлежните и вршителите на дејноста ќе станат од своите фотелји и ќе заминат засекогаш. Нашиот глас е подеднакво важен, а многу поискрен!