Во Хрватска размислуваат за воведување данок на слатки

Според зачестеноста на луѓе со прекумерна тежина, Хрватска е во самиот врв во Европската унија – ова предизвикува низа здравствени проблеми, а хрватската држава наскоро би можела да се бори против овој проблем со воведување данок на слатки.

Од Министерството за здравје велат дека првиот чекор кон елиминирањето на згоеноста кај населението е превенцијата, поради што власта тргнува во борба против шеќерот во храната и засладените пијалаци.

„Ние за тоа размислуваме, но во овој момент немаме донесено дефинитивна одлука за воведување на овој данок. Ја анализираме оваа тематика во Министерството и ќе видиме“, изјави неодамна министерот за здравство Дарио Накиќ.

Воведувањето на оваа мерка првпат била спомната во Хрватска уште пред десет години, а слични даноци се на сила во повеќето европски држави. Во Финска, на пример, пред пет години е воведен данок од 75 центи на килограм слатки, а се даночат и засладените пијалаци. Во Франција, на листата вакви производи се и енергетските пијалаци. Светската здравствена организација со години ја поставува како приоритет токму битката против прекумерниот внес на шеќер.
.