Во Холандија отворен првиот супермаркет со редица без пластични амбалажи

Потрошувачите во Холандија ќе имаат шанса да го посетат првиот супермаркет во светот во кој ќе постои редица каде ниту еден од производите не е пакуван во пластична амбалажа. Иницијативата се промовира под слоганот „Зачекорете во светот без пластика“ и претставува чекор кој еколошките активисти го сметаат за пресвртница во војната против загадувањето со пластика.

Продавницата во Амстердам ќе биде отворена денеска во 11 часот, а купувачите ќе можат да избираат помеѓу повеќе од 700 продукти без пластика, како месо, ориз, сосови, чоколади, цералии, јогурт, свежо овошје и зеленчук, сите достапни на едно место.

Овој потег доаѓа во време на се поголемата глобална загриженост од штетите кои пластичниот отпад ги предизвикува во океаните, животната средина и во синџирот на исхрана. Научниците предупредуваат дека загадувањето со пластика е толку раширено што претставува ризик за трајно загадување на природниот свет.

Сиан Сатерленд, еден од основачите на „Пластик Планет“, групацијата која стои зад оваа кампања, објаснува дека отворањето претставува значаен момент во глобалната борба против загадувањето со пластика.

„Со децении на потрошувачите им се продаваше лагата дека не можеме да живееме без пластика во пијалоците и храната. Редот во кој нема продукти со пластична амбалажа го потврдува спротивното. Конечно можеме да видиме иднина каде јавноста ќе има избор околу тоа дали ќе купува производи со и без пластика. Досега немавме избор“, вели тој.

Редот ќе биде отворен во амстердамската подружница на холандскиот синџир супермаркети „Екоплаза“. Од компанијата најавуваат дека ќе воведат идентични редици во сите 74 подружници нивни подружници низ земјата до крајот на годината.

Извршниот директор на „Екоплаза“, Ерик Доз, работел на кампањата претходниот месец  и објаснува дека иницијативата е важен исчекор кон посветла иднина за храната и пијалоците.

„Знаеме дека на нашите муштерии им е доста од продукти кои се ставени во слоеви и слоеви на дебела пластична амбалажа. Редиците без пластика се навистина иновативен начин за тестирање на разградливи биоматеријали кои нудат многу поеколошка алтернатива на пластичната амбалажа“.