Некогашните летни работни места за студентите во Грција станаа начин на заработка за живот. Македонците најчесто работат на диво, бидејќи тешко се добива работна дозвола, пишува Радио Слободна Европа.
Петто лето по ред малиот грчки остров Скијатос е вториот дом на Александар. Тоа би била дестинација од соништата за многумина млади. Сонцето постојано сјае и забавата никогаш не завршува.
Но, Александар не дошол за да ужива во благодетите кои ги нуди островот, туку да заработи од нив. Неговата летна работа во рент а кар сервис е начинот на кој обезбедува егзистенција за цела година за неговата сопруга и дете, кое сѐ уште нема две години. Цената што ја плаќа тој е разделеност од семејството со месеци.
„Неиздржливо е да си разделен од семејството, особено од мојата ќерка која расте без својот татко“, вели тој со доза на тага во неговиот глас, стоејќи пред рент а кар сервисот во кој работи, на тесната уличка во главниот град на островот, што исто така се вика Скијатос.
Триесет годишниот Александар е еден од многуте Македонци кои ја напуштаат родната земја за да работат нелегално во Грција за време на туристичката сезона од мај до октомври. (Како и на неколкуте други Македонци цитирани во оваа приказна, даден му е псевдоним за да се заштити неговиот идентитет бидејќи работи нелегално.)
Грција во минатото беше местото каде студентите и младите одеа на сезонска работа со цел да заработат некој денар, а воедно и да се забавуваат и да го поминат летото покрај море. Во меѓувреме нештата се променија, и многумина одат на југ за да заработат пари за живеење.
Официјалните статистички податоци во Македонија го објаснуваат тоа. Стапката на невработеност изнесува околу 28 проценти и е една од највисоките во Европа.
Просечната нето месечна плата изнесува околу 340 евра. Но, околу 270.000 лица, односно скоро половина од работниците што добиваат плата, имаат пониски примања од 200 евра месечно.
Магнет за туристи и работници
Македонците сочинуваат само мал дел од странската работна сила која помага во туристичката индустрија во Грција, сектор кој остана здрав и покрај длабоката економска криза во земјата.
Повеќе од 119.000 странски посетители слетале на Скијатос со авион само во текот на летото минатата година, а безброј други пристигнале со ферибот. На островот чија популација е нешто повеќе од 6.000 жители, има голема побарувачка за дополнителни работници за време на туристичката сезона.
Александар, откако за прв пат дошол на Скијатос, работи за истата рент а кар компанија. Работи по 10 до 12 часа секој ден, без да има слободен ден, за време на високата сезона меѓу јуни и август. Заработува 800 евра и мора сам да си ги покрие животните трошоци, вклучувајќи го и сместувањето.
Се качивме на планината во близина на македонската граница… јас бев со една Македонка. Мислевме дека ќе ја преминеме границата во автомобил. Но, човекот кој ги организираше работите дојде со трактор. Тоа беше нашето возило.
сезонски работник од Македонија во Грција.
Тој заработува малку повеќе од минималната плата во Грција, која изнесува 683 евра, иако таа се однесува на 40 работни часа неделно. Александар за да ја заработи таа сума работи двојно повеќе часови. Но, неговата заработувачка е сепак поголема од она што би можел да го заработи дома.
„Би можел само да сонувам дека ќе ги заработам тие пари во Македонија“, вели Александар.
Во Скопје во изминатите години Александар работел само еднаш во една приватна фирма за 170 евра месечно.
Друг Македонец од Скопје, 32-годишниот Игор, исто така, работи во Скијатос, во рент а кар компанија. Ова е седма година по ред како тој незаконски работи на островот.
Како и многу други Македонци во грчката туристичка индустрија, Игор и Александар веруваат дека нивниот нелегален статус е резултат на лошите односи меѓу Атина и Скопје, кои се вкоренети во деценискиот спор околу употребата на името Македонија.
„Тоа не е фер“, вели Игор луто, додека седи со пријателите после работа.
Сепак, експертите за грчкиот закон за работни односи, велат дека не веруваат оти македонските работници се издвоени кога станува збор за нивниот работен статус.
Македонците работат незаконски во туристичката индустрија, велат тие, бидејќи добивањето на работна дозвола за секој работник надвор од Европската унија е толку долг, бирократски процес што работодавците главно не се ни обидуваат да го започнат.