Во градинката „11 Октомври“ во Радишани ќе се отвори сензорна соба за децата со аутизам

Градинката „11 Октомври“ во скопската населба Радишани ќе добие сензорна соба каде ќе се третираат деца со развојни нарушувања и аутизам, а со нив ќе работи стручен тим составен од дефектолог, педагог, психолог, логопед и воспитувачи. Ова го соопшти Град Скопје, во соработка со Општина Бутел.

„Сензорната соба ќе биде со површина од над 60 квадратни метри, со адаптиран тоалет за лица со попречености и одвоен влез од влезот што  вообичаено се користи. Услугите во сензорната соба ќе може да ги користат децата од територија на општина Бутел. Работата со децата  се изведува преку индивидуален пристап, а дневно ќе може да се опфатат 10 – 12 дечиња. Во собата за сензорна интеграција се предвидува и примена на музикотерапија“, соопштија од Град Скопје.

Собата ќе се опреми со меки подови и ѕидови, интерактивна туба со вода, топчиња и меурчиња кои плутаат, ротирачка диско-топка, сноп од светлечки оптички влакна, рефлектор, огледални фолии кои го зголемуваат  ефектот на целата преостаната опрема, аеросол-ароми за аромотерапија, вибрациона музичка фотелја, подлога во вид на перница, UV-ламба, кружен балансер со масажер и други елементи што треба да ги задоволуваат светските норми  и стандарди за квалитет.

За оваа намена, Град Скопје издвои буџет од 700.000 денари за опремување на сензорната соба. Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка за финансиското учество во опремувањето ќе биде на дневен ред на наредната седница на Советот на Град Скопје.

Целта, како што велат од Град Скопје е да се одговори на потребите на децата со развојни нарушувања и аутизам, како и  да се подобри квалитетот на живот на децата и нивните семејства.