Во рок од 40 дена локалната самоуправа во Гевгелија треба да распише референдум на којшто граѓаните ќе се изјаснат дали се „за“ или „против“ отворање на два рудника за експлоатација на минерални суровини.
Оваа одлука вчера ја донесе општинскиот совет како одговор на иницијативата поднесена од здружението „Спас за Гевгелија“.
Во Гевгелија се издадени концесии за две македонски фирми, за детални геолошки истаржувања за металични минерални суровини. Тие се сопственост на канадска компанија која на две локации во близина на Конско веќе врши детални геолошки истражувања за ископување на злато преку постапка наречена лужење.
Иницијативата на здружението „Спас за Гевгелија“ во неколку наврати реагираше против изградба на рудници за злато. Советот на општина Гевгелија, пак, оцени дека на планината Кожуф нема никакви услови за експлоатација на злато, без разлика на резултатите од истражувањето, бидејќи областа важи за еко-регион во кој се произведува здрава храна, а наскоро токму во тој регион треба да се гради и капиталниот проект „Конска брана“.