Управата за јавни приходи известува дека денеска 31.12.2019 се заокружува второто тримесечје од МојДДВ, мерка која се спроведува според Законот за враќање на дел од ДДВ кај физичките лица.
„Ве информираме дека од почетокот на второто тримесечје кое стартуваше во октомври, заклучно со 30.12.2019 година скенирани се 28,948,878 фискални сметки, остварен е промет од 14,301,474,854 денари, вкупениот ДДВ изнесува 1,554,510,671 денари, а повратот од 15 отсто е во износ од 233,176,601 денари или 3,791,000 евра. Исплатата за второто тримесечје ќе стартува во февруари 2020 година“, соопштија од УЈП.
За првото тримесечје од МојДДВ, за коешто исплатата започна во декември 2019 година, исплатен е поврат кај 144,601 граѓани кои во апликацијата МојДДВ внеле валидни трансакциски сметки, во износ од 155,244,780.00 денари.
Од УЈП информираат и дека за граѓаните кои во апликацијата МојДДВ внеле погрешна трансакциска сметка и направиле корекција, исплатата ќе се случи во понатамошниот период.