На италијанскиот остров Сицилија најверојатно е измерена највисоката температура некогаш забележана во Европа – 48,8 степени Целзиусови, пренесува BBC. Регионалните власти го објавија мерењето, кое треба дополнително да биде потврдено од Светската метеоролошка организација (СМО).
Според СМО, сегашниот официјален рекорд во Европа е 48 Целзиусови степени, регистриран во Атина во 1977 година.
Последниот топлотен бран во Италија е предизвикан од антициклон наречен Луцифер, кој стигна од Африка. Антициклоните се области со висок атмосферски притисок.
Се предвидува Луцифер да се упати кон север низ копнениот дел на Италија, што дополнително ќе ги зголеми температурите во градовите, вклучувајќи го и главниот град Рим.
Италијанското министерство за здравство издаде „црвени“ предупредувања за екстремни горештини во неколку региони, а бројот на градови кои се соочуваат со најголем ризик по здравјето се очекува да се зголеми од осум на 15 до петок.
Медитеранскиот топлотен бран, поради кој некои земји ги забележаа највисоките температури во последните децении, доведе до ширење на пожарите низ јужна Италија, а Сицилија, Калабрија и Пуглија се најтешко погодените региони.
Италијанските пожарникари вчера соопштија дека биле вклучени во повеќе од 300 операции во Сицилија и Калабрија во период од 12 часа, кои се бореа во текот на ноќта за да ги контролираат пожарите во кои горат илјадници хектари земја. Три смртни случаи имаше поврзани со пожарите – два во Калабрија и еден во Сицилија, објавија италијанските медиуми.
Во меѓувреме, шумските пожари продолжуваат низ Грција, поттикнати од силните ветрови и сувата вегетација. Странските тимови помагаат да се справат со пожарите во она што премиерот Кирјакос Мицотакис го опиша како „кошмарно лето“.
Климатските промени го зголемуваат ризикот од топло и суво време што најверојатно ќе ги поттикне пожарите.
Светот веќе се затопли за околу 1,2 степени Целзиусови од почетокот на индустриската ера и температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не направат стрмни намалувања на емисиите. Во понеделникот ОН објавија опсежен извештај во кој се вели дека човечката активност ги прави почести екстремните временски настани.