„Во држава што не затвара насилници, садизмот станува култура!“, порачаа граѓаните на вчерашниот протест за кучето Феликс

Во текот на вчерашниот ден во Скопје се одржа протест за Феликс, кучето кое почина поради тешките повреди кои му ги зададе Љубе Крстевски. Граѓани и активисти повторно побараа максимална затворска казна за насилникот.

„Исто како што протестираме и сме гласни за Кочани, за Ласкарци, за Бугарија, за модуларна, за онкологија, за геноцидот во Палестина, за работнички права, за женски права, за чист воздух, за зеленило“, велат од Зелен хуман град (ЗХГ).

Присутните истакнаа дека траумите кои ги трпиме како општество се длабоки и неизбрижливи и повикаа на прекин на релативизациите и селективноста.

„Не само што се бесмислени, туку се и една од клучните причини за сите трагедии во кои губиме животи. Не може да ви е небитно дивјачко убиство на животно. Ако замижувате пред едно злодело или го игнорирате, некој друг игнорира некое друго и така магичниот круг на пеколот во кој живееме во Македонија продолжува да нѐ проголтува сите“, посочуваат од ЗХГ.

Фото: Зелен хуман град

Според нив, солидарноста е клучната карактеристика што ги разликува праведните од неправедните општества и само со заедничко делување и со меѓусебна почит ќе имаме сила да изградиме здраво општество во кое нема да има место за рамнодушност, селективна правда и заборав.

Фото: Зелен хуман град

„Општество во кое секој глас за правда е важен, сечија болка е препознаена, и сечиј живот – човечки или животински – е вреднуван. Болката што ја чувствуваме нека биде горивото што ќе нѐ поттикне да не се откажуваме од борбата за похумано утре. За Феликс. За секоја невина жртва. За сите нас!“, поентираат од граѓанската иницијатива.