Во четири основни училишта ќе се учи сеопфатно сексуално образование, стартува пилот програмата

ХЕРА и Бирото за развој на образованието ја започнаа пилот-програмата за воведување сеопфатно сексуално образование во основните училишта.

Проектот првично ќе се спроведува во четири училишта во Скопје и Тетово, во урбана и рурална средина. Како што појаснуваат од ХЕРА, при селекцијата на школите користеле критериуми на правична застапеност на етничките заедници и градско-руралниот карактер на училиштата.

Денеска, тие соопштија дека започнуваат со обуката за наставниците кои ќе се дел од пилот проектот.

„Обуката се состои од практичен и теориски дел и ќе биде реализирана до крајот на годината. Наставниците ќе имаат можност да се стекнат со неопходните знаења и вештини за сите теми поврзани со сеопфатното сексуално образование согласно последните препораки на УНЕСКО за возраст од 12 до 15 години, односно род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуалност, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото, и врски и односи“, велат од ХЕРА.

Истовремено со спроведувањето на наставата во четирите основни училишта ќе се спроведе и евалуација на пилот-програмата која треба да покаже дали и колку ги подобрила знаењата и ставовите на младите поврзани со теми од сексуалното образование.

Следната година пак е планирано да започне втора фаза од проектот, кога сексуалното образование ќе биде дел од изборните предмети во дваесетина училишта. Наставната програма е подготвена заедно со експерти и со Бирото за развој на образованието и се состои од 36 училишни часа.

Министерката Мила Царовска, која беше дел од денешниот настан за промиција на проектот, изјави дека воведувањето  сеопфатно сексуално образование во основните училишта, ќе значи унапредување на родовата еднаквост, инклузивноста и толеранцијата, но и превенција од сексуалното вознемирување и насилството.

„Сексуално образование многу често е поставувано како нешто што не треба да се прави, не треба да се зборува во училиште. Но кога ќе го поедноставиме и кога ќе кажеме дека зборуваме за ненасилство, за прифаќање на себе, на своето тело, за градење релации со другите луѓе околу нас, за создавање партнерски однос, дискусија околу своите емоции, тогаш сите велат да, тоа е потребно. Токму затоа сите истражувања покажуваат дека и родителите и наставниците и учениците имаат потреба од воведување на овие теми во формалното образование, затоа што не секое дете има можност дома да разговара за овие прашања и така неинформирани влегуваат во одредени релации и односи, на погрешен начин, често повредувани, често злоупотребувани и често неприфатени од околината и од себе“, рече Царовска.

Резултатите од пилот-програмата и евалуацијата ќе бидат основа за креирање долгорочна образовна стратегија на Министерството за образование и наука за задолжително изучување на темите од сексуалното образование. Од Хера велат дека ова е основа и за подготовка на соодветен наставен план за сексуалното образование кое би се изучувало и во основните и во средните училишта во иднина.

„Со воведување на сексуалното образование во образовниот систем ќе имаме млади кои ќе бидат образувани и ќе носат информирани одлуки за своето здравје и благосостојба. Сексуалното образование во повеќето земји се изучува за време на целиот образовен процес односно од основно па сé така до завршувањето на средното училиште. Во државите каде што сексуалното образование не е дел од формалниот образовен систем, стапките на малолетнички бремености се многу високи, но она што е уште поважно како податок е дека оваа бројка драстично опаѓа по воведувањето на овој предмет. Придобивките кои ги имаат државите кои го препознаваат сексуалното образование во формалниот образовен систем се превенција на рана, непланирана и непосакувана малолетничка бременост, млади кои се грижат за своето здравје, млади кои ќе научат кои се нивните права и како да ги заштитат, кои ќе научат да препознаат и да пријават врсничко, партнерско и секаков вид на насилство и кои ќе знаат како да развиваат социјални и сексуални односи кои ќе се базираат врз почит, согласност и достоинство“, дополнуваат од ХЕРА.